Ништо не е недостижно ако се сака искрено и од срце

Едноставна, чувствителна, но цврста личност која го сака животот. Ужива во дребулиите што ја опкружуваат, неуморно ги истражува се дури не се слее со нив создавајќи сопствено чудо. “Веројатно, само така можам да го објаснам нескротливиот порив за пишување, кој гори во мене…”, вели Донева

За инспирацијата и творештвото…

Мојот Парнас е говорот на срцето. Сето она што го чувствувам и доживувам, го преточувам во стих, реченица. Сепак, мојот сензибилитет ја пронаоѓа својата вистинска форма во хаикуто. Најкусиот лирски жанр од истокот, кој во само 3 стиха и 17 слога во себе ги содржи макро и микрокосмосот, ги помирува човекот, животните и природата во една неделива целина, ги доближува блиското и далечното, малото и големото и прави обичните нешта кои најчесто не ги забележуваме да ја откријат сета своја чудесност, понекогаш и хумористичност. Со тоа ни се дава можност да ја разбудиме и изостриме исконската човекова мудрост. Бартовски кажано, тоа е оној флеш на фотографија која многу грижливо би ја снимиле да не сме заборавиле да ставиме филм во апаратот.

Поетска вечер во чест на Искра Донева…

Неодамна се случи една од многуте поетски дружби кои се речиси мое секојдневие. Таа беше последната од низата настани што имаа цел преку промовирањето на моето творештво и преку продажба на донираните дела од група наши млади уметници да се соберат дел од средствата потребни за да се упатам на трансплантација на матични клетки во Русија. Третманот ми е неопходен за подобрување на мојата здравствена состојба, последица од церебралната парализа што ја имам од раѓање. Можноста да зачекорам самостојно чини 62.000 евра без патните трошоци. Времето може да биде пресудно за успешен исход, па затоа се одлучив да ја побарам поддршката и од хуманите луѓе, а за возврат да им го дарам наубавото од себе – мојата поезија…

За луѓето кои те опкружуваат и за пријателите…

Имам среќа да бидам опкружена со прекрасни луѓе на кои им се восхитувам и од кои секојдневно многу учам. Независно дали се тоа членовите од моето семејство, моите наставници, професори, ментори, колеги или пријатели, тие секогаш се тука за да ми подадат рака, да ме советуваат. Вистинските пријатели се најголемо богатство за мене, ги имам многу, благодарение на мојата отвореност, комуникативноста, искреноста и ентузијазмот. Со нив делам се, особено среќата – за да ми се намножи.

И за крај на разговорот…

Слушајте го говорот на срцето, грижете се повеќе за другите и најмногу од се најдете храброст да се изборите за исполнување на своите соништа како што го правам тоа и јас. Ништо не е недостижно ако се сака искрено и од срце!

Д. Трајковска
Фото: Д. Андоновски

Интервју во „Вечер“ (19.04.2010)

Skip to content