Интервју за „Комплетна“

Која е Искра Донева? Како би се опишала за оние што не те познаваат?

Нашите предци верувале во постоење магиски принцип меѓу името и карактеристиките на личноста што го носи тоа име. Во мојот случај  дефинитивно се потврдува оваа исконска поврзаност. Искричката во мене гори од самото мое раѓање, од првиот мој здив. Подобро кажано искричките – животната, креативната, борбената, авантуристичката, визионерската, мечтателската и страствената. Тие се незгасливиот двигател за се сум и се што правам, наспроти сите предизвици. За мене La vita è bella, уживам во сите неговите мали големи чуда кои ме инспирираат да творам и да го кројам сопствениот космос. Моите цели ме исполнуваат со сета неопходна сила и трпение за нивно остварување. Посетувам постдипломски студии, работам, се забавувам, само можеби на поинаков начин или со одредена помош. Сепак, со целото мое срце посакувам да ја почувствувам слободата или леснотијата на летот на птиците, чувство што ќе го доживеам дури кога ќе успеам самостојно да застанам и одам. Тоа ќе ми овозможи уште поедноставно и поинтензивно да го правам сето она што го правам, да им помагам на луѓето, да ги усреќувам, а еден ден и да основам свое семејство.

Ти си публикуван автор на книги со поезија. Која е темата на која најмногу се осврнуваш во твоите песни? Што ти е инспирација?

Да, досега ги имам објавено збирките „Говорот на срцето“ (лирика, 2000 година), „Кој ќе ги згрее птиците“ (хаику, 2006 година) и „Небеска раскрсница“ (хаику и хаига, 2009). Меѓутоа, јас сум разностран автор, неколку ракописи и од други жанрови чекаат можност да бидат објавени. Во сите мои дела се проткајуваат моите чувства, моите доживувања и промисли за љубовта, животот, уметноста. Тие се длабоко прочувствувани и човечки, затоа и допираат до читателите на посебен начин, секој може да се пронајде во нив. Сепак, хаикуто е вистинскиот начин и форма за да ги изразам мојот сензибилитет и стил на живот. Низ само 3 лирски стиха во шема 5/7/5 слога,  добиваме можност да ѕирнеме во микро и макрокосмосот, да ги избришеме границите помеѓу објектот и субјектот, човекот, малите ранливи и кревки суштества и природата да се сплотат во ЕДНО, да ги доближиме блиското и далечното, малото и големото и во обичните нешта кои секојдневно не опкружуваат да видиме чуда.

Кога започна твојата вистинска “борба“ со церебралната парализа?

Церебралната парализа ја имам од раѓање. Благодарение на воспитувањето од моите родители јас сум свесна, дека оваа дијагноза е само состојба во која се наоѓа телото. Оттука јас не се чувствувам како хендикепирана, немоќна или ограничена личност во било која смисла. Сепак, непобитен е фактот дека имам одредени потреби и услови за секојдневната егзистенција и функционирање. Вистинската борба е истите да се обезбедат: сестрана рехабилитација, терапевти, справи за вежбање, помагала, отстранување на архитектонските бариери во и надвор од домот, правилна исхрана, лекови и друго. Целиот мој живот, иако тоа значеше многу труд, жртви и средства, тоа за мене несебично го правеше моето семејство. Честопати мојот татко го нарекував Балтазар оти секогаш успеваше да измисли разновидни гаџети и начини да ми го олесни секојдневието. За жал, тој не успеа да се избори со ракот и минатиот месец почина. Замина физички, но неговиот дух, љубов и верба продолжуваат да живеат во мене, да ми даваат сила да ги остварам заедничките цели. Така, сега БОРБАТА, е двојно, тројно поголем предизвик ….

Средствата од продажбата на книгите одат за лекување на церебралната парализа. Колку е тешко да се соберат средствата за лекување?

Да, сакам колку што е можно повеќе активно да допринесам во целата акција. Би сакала да можев самата да си го платам лекувањето, веќе да беше успешно завршен третманот, но бидејќи не е така, се обидувам барем со својот талент, скромно, да им возвратам на оние што сакаат да ми помогнат. Собирањето на средства на овој начин е прилично тешко, бара многу труд, време и умешност, па и финансии за менаџирање и реализација, а не секој сака и може да го разбере и поддржи мојот потфат. Затоа сум им бескрајно благодарна на оние кои веќе го сториле тоа на еден или друг начин. Буквално се собира денар по денар.

Ти самата правиш се за да дојдеш до финансиите за третманот. Дали успеа да го добиеш потребниот третман и да заминеш на лекување во Москва или сеуште ги собираш потребните средства? Колку време трае ова?

Отсекогаш верувам во напредокот на медицината и се стремам кон подобрување на мојата здраствена состојба. Откако во Македонија ги исцрпев сите опции, истражив што нуди светот и во 2006 година го открив третманот со матични клетки. Контактите со клиниката во Москва каде треба да заминам на лекување и испитувањата што од таму побараа да ги направам тука во Македонија за да можат да го разгледаат мојот случај траеа долго. Кога конечно во 2008, добив позитевен одговор од руските доктори дека можат да ми помогнат да проодам бев пресреќна. Истовремено се исправив пред нов предизвик: КАКО да ги обезбедам потребните средства. Уште тогаш бев свесна дека тоа нема да биде лесно, но бев решена да успеам. Тропав на секоја врата и барав совет од сите кои мислев дека можат да помогнат. Откако немаше одзив, најчесто заради тоа што не ми е загрозен животот и природата и цената на третманот, во 2010 година се решив и јавно да ја побарам поддршката на моите сограѓани за да го остварам мојот најголем сон. Но откако медиумите ја објавија сторијата за мене и за иновативниот третман кој малку беше познат во нашето опкружување, моите телефони и инбокс се вжешија од деноноќни повици и пораки од луѓе засегнати од истиот проблем, а не од луѓе што можат да сторат нешто конкретно за мене. Јас ги споделив сите информации со кои што располагав со оние кои го побараа тоа од мене. Потоа самата се зафатив со организирање на разни културни настани од хуманитарен карактер. Иако ја вложив сета своја енергија и труд во нивно реализирање, поддршката што ја добивав беше главно морална, па не можам да се пофалам дека истите беа успешни во материјална смисла, некогаш бев дури и во загуба. Досега, успеав да соберам одвај десетинка од вкупниот износ за повеќеетапниот третман. Недоволно за да стигнам во Москва. А времето, неповратно одминува.

Постои ли институција или здружение кои се грижи за болните од церебрална парализа кај нас? Доколку постои, какво е твоето искуство со нив?

Да, постојат. Погоре споменав дека на сите лица со посебни потреби им се неопходни професионална нега и соодветни услови за нормално да живеат. Тоа уште повеќе е изразено кај лицата со церебрална парализа. Тие имаат потреба од напреден, конзилијарен и индивидуален пристап при лекувањето, зависно од поттипот на дијагнозата и степенот на попреченост. Во Македонија, условите и можностите за тоа се далеку, далеку од потребните.

Освен продажбата на книги, организираше и хуманитарни концерти… Колкав беше одзивот и на пејачите што сакаа да помогнат и на оние што доаѓаа на тие настани, а за да донираат за тебе?

Имав два обида за хуманитарни концерти. На Кадмо во Охрид и Аква паркот во Пробиштип. Првиот не вроди со очекуваните средства, а вториот беше откажан. Пејачите, барем оние кои што јас ги имам контактирано се секогаш расположени за соработка и доколку моментните ангажмани им го дозволуваат тоа, со драго срце ми излегуваат во пресрет. Денес, ги сметам за свои искрени пријатели и соработници. Со посетеноста е различно… Не може да се предвиди… Досега сум ја пронашла вистинската формула за да видам онолку лица колку што посакувам, иако не се сомневам дека има многу добронамерни луѓе. Сепак, мислам дека клучниот фактор е неопходноста од професионална менаџерска поддршка или поглобален пристап кон собирањето средства.

Што е следно во процесот на твоето лекување?

Засега, се трудам овде, приватно да ја обезбедам барем неопходната постојана физиотерапија, но мојата крајна дестинација е Москва. Не се откажувам додека не стигнам таму!

Што би им порачала на читателките на Комплетна?

Да бидат свои, да веруваат во себе, да го прават она што ги исполнува. Да бидат вљубени, креативни и насмеани, да даруваат многу прегратки и да прават добри дела. Да ја негуваат внатрешната убавина, колку и надворешната. Да имаат храброст да сонуваат! Да бидат комплетни со Комплетна.

Интервју за „Комплетна“ (27.04.2012)

Skip to content