Искра Донева е родена на 20 јули 1983 година во Скопје. Чита, пишува и објавува од нејзината седма година. Во 2000 година на јавноста и се претставува и со првата стихозбирка „Говорот на срцето“. По основното образование и природно – математичката гимназија кај неа претежна љубовта кон пишувањето и таа се најде меѓу компаратистите на светската книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески – Скопје, каде сега е на постдипломски студии. Членува во поетскиот кружок „Мугри“ и објавува во истоимениот алманах. Дел е и од клубот „УНЕСКО: Живите јазици – прозорец кон светот“ и од повеќе литературни читања и перформанси, културни настани и фестивали во земјава и во странство, меѓу кои и „Струшки вечери на поезија“. Последниве години, во периодиката е застапена во: „Огледало“, „Феникс“, „Мравка“, „Спектар“, „Наше писмо“… и во електронските списанија „Мираж“ ( www.mirage.com.mk ) и “Литернет“ ( http://liternet.bg ). Некои делови од нејзиното творештво се достапни и на англиски, француски, полски, српски и бугарски јазик. Преведува од англиски и француски. Како плод од нејзината страст кон најкусиот лирски жанр, во 2006 се појавува и хаику збирката “Кој ќе ги згрее птиците“. Во 2009 година во “Небеска раскрсница” таа страст бара нови медиуми и прераснува во хаига, жанр што првпат се презентира пред пошироката литературна јавност. Годинава, 2013, во нејзиниот опус бележи уште хаику збирки: „Скакулче игра плочка“, „Татко“, и „Лазарополски хаикуа“. Неколку нови ракописи чекаат да бидат објавени.