Светскиот хуманист и предавач Ник Вујичиќ кој во рамки на својата светска турнеја гостуваше во Македонија, во ВИП Арената на СРЦ „Борис Трајковски“, и одржи мотивациски говор.
Настанот го организираа Центарот за поттик на креативни потфати, „Нова Искра“ и евангелско-протестантските цркви во Македонија, а беше збогатен со музички настапи на „Скопје Госпел Хорот“ и на македонските музичари браќата Тавитијан.
Според желбата на Вујичиќ, сите собрани средства од билетите ќе бидат донирани во хуманитарни цели, за опремување на салата за лицата со посебни потреби.

По повод посетата на Вујичиќ, на Саемот на книгата беше промовирана и неговата прва книга „Живот без граници“, во превод на македонски јазик. Изданието беше достапно и на настанот во СРЦ „Борис Трајковски“.
Ник Вујичиќ е роден Австралијанец со српско потекло чиј недостаток на рацете и нозете е резултат на ретката вродена аномалија наречена тетра-амелија синдром. Неговиот вроден физички недостаток го става во животот пред сериозни предизвици со кои успева да се избори и денес тој несебично го споделува своето животно искуство и станува инспирација за милиони луѓе ширум светот.